Јас сум Филип. Повеќе од шест години работам како професор по странски јазици, поточно англиски и германски јазик. Уште од најрана возраст имав афинитети за изучување и осознавање на странски јазици, a особено на овие два. Се гледам себеси како амбициозна, вредна и лојална личност.
Германскиот јазик е еден од јазиците кој што е мошне распространет и важен во современото општество. Поради тоа има голема побарувачка за изучување на овој јазик од многу различни аспекти. Предавањето на овој јазик бара многу вложување со оглед на тоа што и покрај големата побарувачка за негово изучување во Македонија сепак е многу лимитирана неговата распространетост во нашата околина.
За мене ова е еден вид личен предизвик затоа што е потребно подолго време слушателите да го почувствуваат јазикот и како тој навистина функционира во надворешниот свет (надвор од училница). Самата љубопитност од страна на слушателите што се решиле да го изучуваат овој јазик е доволна мотивација за мене да го дадам најдоброто што можам за да ги едуцирам и да ги поттикнам да се запознаат со овој јазик и воопшто со германската култура.
Со оглед на помалата распространетост на германскиот јазик во нашата култура се разбира дека е потешко слушателите да го применат нивното знаење во околината. Поради достапноста на технологијата во модерното општество сепак не е толку тешко да се дојде до содржини кои што го имаат овој јазик.
Па така секогаш на моите слушатели им давам предлози да побараат одредени филмови или серии кои што се на германски јазик со цел да го подобрат својот вокабулар, да се навикнат на темпото на самиот говор, исто така им давам и некои идеи како да се обидат пред сè да размислуваат на германски јазик, со цел да бидат повеќе во контакт со јазикот. Доколку имаат некој близок што го знае јазикот нормално дека првиот предлог ми е да пробаат да комуницираат со нив на Германски јазик за да го употребат она што го научиле во реалниот свет.
Во слободното време понекогаш сакам да прочитам по некоја книга или да се запознаам со нови факти или информации. Сакам да се запознавам со нови култури и да посетам што е можно повеќе различни места. Сакам прошетки во природа каде што можам да се опуштам на најдобар начин. Исто така сакам спорт и можам да речам дека сум љубител на автомобили.
Најважно е трпението и мотивацијата. Станува збор за потежок јазик од оние што повеќето слушатели ги имаат запознаено (најчесто англискиот). Неговата „тежина“ меѓудругото се должи и на тоа што овој јазик за разлика од англискиот, не е достапен во секојдневието. Музика, филмови и серии на германски јазик не многу често се гледаат или слушаат. Но, како и за било кој друг јазик, повторно ќе напоменам, најважно е трпението и работите да се изучуваат чекор по чекор со оглед на тоа што е потребно повеќе време да се научат правилата и прописите во граматиката, но и најтешкото, да може течно да се говори.
Работно Време: Пон-Чет 09:00-20:00, Пет 09:00-16:00
© Copyright 2023 GLOSA. Сите права задржани