7 најголеми митови за учење на странски јазик

Содржина

Во време кога светот е сѐ повеќе поврзан и мултикултурен, познавањето на странски јазик не е само предност, туку неопходност. Од патувања и кариера до личен развој и нови пријателства, знаењето на уште еден јазик го отвора умот и вратите кон можности кои инаку би останале затворени.

Но, и покрај тоа, кај нас сѐ уште кружат бројни митови и заблуди за тоа како треба (или не треба) да се учи еден јазик. Овие митови често ја рушат мотивацијата уште на почеток или, уште полошо, создаваат нереални очекувања кои доведуваат до разочарување.

Ајде да ги разбиеме најчестите 7 митови што ги слушаме кога станува збор за учење странски јазик и да видиме зошто тие остануваат класифицирани како митови.

Мит 1: „За учење на странски јазик мораш да имаш талент“

Постои разлика помеѓу природна склоност и тоа што навистина носи напредок при изучувањето на странски јазици, а тоа е мотивираноста, навиките и вежбањето на истиот. Истражувања од глобални размери, како и практичната литература ги истакнуваат упорноста и квалитетниот јазичен материјал како повлијателни фактори од ‘вродениот талент’.

Една студија од Универзитетот Мериленд (the University of Maryland) сугерира дека учениците кои редовно се изложуваат на јазикот (слушање, читање, практикување) напредуваат побрзо од оние со ‘природна склоност’, но без дисциплина.

Мит 2: „Возрасните не можат да научат нов јазик“

Иако децата полесно го усвојуваат акцентот на еден јазик и одредени граматички структури, истражувањето на Hartshorne, Tenenbaum & Pinker (2018, MIT) врз 670.000 учесници јасно покажало дека младите лица до околу 17-18 години имаат оптимални услови за совладување на граматика, тоа не значи дека возрасните немаат капацитет да го направат истото. Напротив, возрасните веќе имаат развиени когнитивни стратегии, искуство со учење и мотивација кои ја компензираат биолошката разлика.

Практичен пример би бил следниот: германски јазик може да се совлада на B1 ниво за 6-12 месеци ако возрасен учени учи интензивно (5-10 часа неделно посетувајќи курсеви и дополнителни канали за учење на јазикот). Постојат безброј случаи на возрасни луѓе кои мигрирале во странски земји и морале да започнат од почеток. Успешно завршиле универзитет и започнале да градат кариера на нов јазик по 30-тата година. Редовната практика е клучот кој ја отвора големата врата на можности, без разлика кој јазик се изучува.

постар човек пишува во тетратка

Мит 3: „Граматиката не е најважниот дел“

Ова е еден од најчестите митови – дека граматиката не е важна и дека можеме да зборуваме „спонтано“ без неа. Да, можно е да се снајдеш со основни фрази и да се разбереш на базично ниво без граматичко совршенство. Но ако целта ти е вистински да го совладаш јазикот, да звучиш природно и самоуверено, тогаш граматиката е неопходна.

Граматиката е како скелетот на јазикот. Важно е да се напомене дека граматиката не мора да значи здодевно учење правила напамет. Модерните методи ја вклучуваат во реални ситуации, разговори и контексти, што ја прави природна и лесна за совладување.

Пример, студентот кој ги знае сите падежи на германскиот јазик може да има проблеми при секојдневна конверзација, доколку не учи и преку дијалози, филмови итн. Затоа, корисно е граматиката да се учи во контекст (на пр. Со пишување кратки пораки и нивна корекција) наместо изолирани вежби.

Мит 4: „Потребни се години за да научиш јазик“

Времето потребно за да научиш јазик секогаш ќе зависи од твојата цел (основна комуникација vs. професионална флуентност), јазичната сличност и интензитетот на учењето. Според Foreign Service Institute (FSI), англофон ученик има потреба од приближно 600-750 часа за да постигне професионална флуентност на јазици блиски до англискиот (шпански, француски, шведски), а до 2200 часа за особено тешки јазици како јапонски, корејски, арапски.

Ако секојдневно учиш по два часа, гледаш документарци, читаш стручна литература, користиш апликации и имаш еден разговорен час неделно, за 6-9 месеци можеш да постигнеш A2-B1 ниво на романски јазик.

Мит 5: „Треба да живееш каде се зборува јазикот“

 Живеењето во држава каде се зборува јазикот кој го изучуваш помага, но не е единствениот пат за да го усовршиш јазикот на истиот начин како веќе да живееш во истата. Многу луѓе постигнале високо ниво без преселба користејќи квалитетен input, систематска практика, и можности за говор (онлајн/локални заедници). Директната изложеност сама по себе не гарантира учење, потребна е активна употреба.

 Пример: македонски студент кој секојдневно гледа различна содржина на француски јазик, и има редовна конверзација со француски студент или познаник/пријател, има повеќе практична изложеност отколку студент што живее во Париз, но се дружи само со сонародници. Клучно е како ја користиш околината, а не каде живееш.

човек на лаптоп во разговор со помлада жена

Мит 6: „Треба да го знаеш јазикот перфектно за да можеш да комуницираш“

Всушност, голем дел од меѓународните разговори се одвиваат меѓу неносители на јазикот. Разбирливоста и вештините за справување со недоразбирања како преформулирање и проверка/потврда на пораката се поважни од совршен акцент или од апсолутна граматичка точност. Истражувањата укажуваат дека комуникацијата често е успешна дури и кога вокабуларот е ограничен, ако соговорниците користат стратегии за појаснување.

Доколку на деловен состанок некој рече ‘’We discuss later details’’, пораката ќе биде јасна и разбирлива, иако е граматички неточна. Многу меѓународни компании прифаќаат ‘’good enough English speakers’’ за да се олесни соработката. Практично е да се научат фрази за преформулирање, наместо да се чека на перфектен говор.

Мит 7: „Ако правиш грешки, значи не те бива“

Грешките се природен дел од процесот на учење. Лингвистите (на пр. Corder, Krashen) сметаат дека грешките се показател за развојна фаза, а не за неспособност. Учениците кои не се плашат од грешки учат побрзо бидејќи повеќе експериментираат и добиваат повратна информација.

Со време, преку корекции и учење нов јазичен материјал пораките ќе стануваат се појасни при конверзација. Ако ученикот чека да ‘го знае правилото’ пред да зборува, може да остане блокиран подолг временски период. Во практика, прифаќај грешки, запиши ги во својот личен дневник со погрешни термини кои често ги правиш, и гледај ги како патокази кои ќе помогнат на твојот напредок.

Учете странски јазици со јазично студио Глоса

Сакате да откриете колку процесот може да биде практичен, мотивирачки и успешен со нас?

Нашиот тим ви нуди современи методи на работа, персонализиран пристап и богат избор на програми кои ќе ви помогнат да ја совладате комуникацијата без страв од грешки и со постојана поддршка. Со „Глоса“ ќе изградите самодоверба, ќе напредувате чекор по чекор и ќе уживате во учењето без оглед дали јазикот го учите за работа, студии или лично задоволство.

Изберете сертифицирани курсеви по англиски јазик, курсеви по германски јазик или македонски за странци и учете според европските стандарди (CEFR).

За повеќе детаљи, кликни тука и разгледај ги нашите јазични програми и групи.